Име и презиме: Фиданка Трајкова
Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:
Земјоделски факултет, редовен професор, област физиологија на растенијата/ градинарство.
Образование:
Завршено формалното образование во три циклуси студии – додипломски студии на Природно-математички факултет, Институт за биологија и докторат на Факултетот за земјоделски науки и храна на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, магистерски студии на Mediterranean Agronomic Institute of Chania во Грција.
Кога имате шанса да студирате на рамките на различни институции од секаде „купувате” по нешто, како што е различен начин на студирање, добивање знаење од најмалку 60 различни професори, различен пристап кон студентот и на тој начин стекнувате различни професионални и социјални вештини, се развивате не само професионално, туку и како личност. Магистерските студии далеку од дома, во една интернационална и мултикултурна средина ме изградија на неколку нивоа.
Формалното образование е дополнето со многу конференции, обуки, работилници и проекти каде што се учат работи кои секогаш ги нема во книгите, учебниците и научните трудови. Посебно образовно и животно искуство ми биле две подолги обуки во Германија и во Израел.
Краток професионален профил:
Најкраток опис на професионалниот профил е „професионален и доживотен ученик“. Подолгиот опис е дека сум професор на Земјоделски факултет при УГД, поминувајќи ги сите скалила од асистент до редовен професор. Предавам повеќе предмети на различните студиски програми кои ги имаме на Земјоделски факултет и учествувам во научноистражувачката и апликативната работа на УНИЛАБ и Лабораторијата за растителна биотехнологија.
Вклучена сум во сите активности на факултетот, каде што можам да дадам придонес за креирање и реализација на различни идеи за подобрување на наставниот процес и истражувачката работа на факултетот, сѐ со цел студентите од трите циклуси на студии да добијат квалитетно образование и соодветни услови за научноистражувачка работа.
Бидејќи интервјуто е во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, морам да нагласам дека кога една жена го избира овој долг образовен пат и професија која значи постојана работа на различни полиња значи дека таа за да успее мора да има безусловна поддршка и разбирање од потесното и поширокото семејство и од претпоставените.
Во три збора би се опишала себеси како:
Искрена, упорна и непоправлив ентузијаст.
На УГД се вработив (кога и како):
На УГД се вработив како асистент на Земјоделски факултет во 2007 г. и тука сум од основањето на Универзитетот. Вработувањето следеше по претходен двегодишен волонтерски ангажман во различни активности и проекти во ЈНУ Институт за јужни земјоделски култури во Струмица, што во 2007 година стана дел од Земјоделскиот факултет при УГД, заедно со сите човечки и инфраструктурни капацитети.
Од оваа перспектива, по 16 години, слободно можам да кажам дека сум горда и среќна што сум дел од УГД и што сум добила шанса да учествувам со процесот на неговото растење и развој од почетокот. УГД внесе еден нов концепт во високото образование во нашата држава и покажа дека ако се има визија, ако се работи вредно, посветено и од срце нема неостварливи проекти.
УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:
Во наши услови, кога државата речиси и не издвојува средства за научноистражувачка работа, УГД ми има дадено можност да учествувам во научноистражувачки и апликативни проекти, со колегите да креираме учебници, учебни помагала и практикуми за подобра настава, да учествувам во бројни конференции и обуки, да им овозможиме на студентите од сите три циклуси на студии да се занимаваат со научноистражувачка работа во УНИЛАБ, Лабораторијата за растителна биотехнологија и на опитните површини на факултетот, да бидам дел од тимовите за реализација на многу домашни и меѓународни проекти, многу контакти со колеги и соработници од различни универзитети во регионот и во странство…
Долга е листа на можностите кои ги имаат вработените за професионален развој на УГД. Но, во една реченица – УГД ми помогна да станам професионално тоа што сум денес.
Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
Одличната работна атмосфера, колегијалноста и тимската работа на Земјоделскиот факултет. Посебно убави и корисни се многуте електронски алатки кои ни се на располагање за успешна реализација на наставниот процес, како за професорите, така и за студентите.
Омилен дел од мојата работа:
Веројатно најточниот одговор е дека немам неомилен дел од работата.
Од професионални достигнувања издвојувам:
Секој работен ден во кој сте ги извршиле своите работни задачи и сте се потрудиле да креирате нешто е професионален успех и достигнување. Ова е посебно важно кога сите се соочуваме со економските и социјалните последици на ковид-пандемијата и светската економска криза. Способноста да можете професионално функционирате и да се издигнете над апатијата и незадоволството заради многу нефункционалности во нашата држава, па и на глобално ниво, во моментот за мене е најголем професионален успех.
На ниво на колективно достигнување во средината каде што работам, најголемо професионално достигнување ја сметам очигледната промена кај студентите од моментот на нивното доаѓање на факултет како бруцоши до денот на нивното дипломирање. Промената кај тие млади луѓе е заслуга на целиот систем и процес во кои биле за време на студиите и доказ дека секој од нас на свој начин има влијание на развојот на една млада личност, не само во професионалец, туку и во зрел човек. Со тоа сме ја исполниле основата задача како професори и високообразовна институција, бидејќи сме им го промениле светогледот на студентите и им се отвориле нови, претходно непознати хоризонти.
Методологија која ја користам во работата со студентите:
Методологијата на работа со студентите зависи од предметот што го предавам, но во основа применувам:
- Теоретски предавања со интерактивно учество на студентите со дискусија,
- Практични лабораториски вежби,
- Користење на различни дигитални содржини поврзани со предметната програма,
- Посета на компании кои се во склад со материјалот што се предава и кои на студентите им нудат практично искуство,
- Практична работа со студентите во рамките на факултетот.
Најважно во работата со студентите е:
Сите ние кои сме во наставно-образовниот процес, од градинка до докторски студии, конечно треба да разбереме дека ова се нови генерации, „некои нови клинци” со нови интереси, потреби, начини на учење… Универзитетските професори не се повеќе апсолутен авторитет во однос на информациите кои ги пласираат.
Соодветно на тоа, треба да го креираме и реализираме целиот образовен процес и работа со студентите. На студентите треба да им даваме функционално знаење, да градиме пазарни вештини и да ги поттикнеме да прашуваат, истражуваат и креираат нови нешта.
Животна мудрост која ја споделувам:
„Нов ден, нова нафака!“
Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачала:
Книга – сите наставни материјали од областа на земјоделството во издание на УГД, бесплатно достапни на линкот
https://e-lib.ugd.edu.mk/kategorija=3&ugd=ea21df105ba2d74a05b4e0dcee134858
Филм – Human Nature (2019) – документарен филм за CRISPR како нова алатка за промена на геномот на организмите и моралните дилеми за нејзина употреба.
Видео – Making women in science visible, TED говор за борбата на жените за рамноправност во образованието и науката: https://www.youtube.com/watch?v=386kmzBH4Co
Настан – https://www.polarsteps.com/UlysseGaudare/5029841-ecol-odyssee – онлајн следење на патешествието на Улис Годаре, доктор на земјоделски науки од Франција кој ќе помине 9.000 км со велосипед низ Европа со цел да сними документарен филм за адаптација на земјоделците на климатските промени. Земјоделскиот факултет ќе биде локален партнер во проектот на Улис и ќе му помогне да направи средба со нашите земјоделци за да се слушне и нивното мислење за климатските промени.
Совет за младите како идни студенти:
Студирајте на Земјоделскиот факултет на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип!
Учете, истражувајте и применувајте!
Човекот може да постои и опстои без многу нешта, но не може без храна и вода. Тоа ја прави професијата инженер агроном една од најважните професии на глобално ниво.
За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk
Дополнителни информации за професорите на УГД, може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka
Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниот линк: https://zf.ugd.edu.mk/index.php/mk/studiski-programi/prv-ciklus
Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka