Search
|     contact@ugd.edu.mk

„Во амфитеатар со“ проф. д-р Стојко Стојков

Споделете

Име и презиме: Стојко Стојков

Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:
Предавам на Факултетот за образовни науки како вонреден професор од областите на средновековна историја и византологија, специјализирам во етнички и идентитетски прашања.

Образование:
Основно и средно образование завршив во мојот роден град Сандански, во Пиринска Македонија (Р Бугарија). Завршив Историја на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што магистрирав и докторирав.

Краток професионален профил:
Од 1992 до 1996 г. бев студент на Историја на Филозофскиот факултет при УКИМ, каде што дипломирав во 1998 г. и добив награда „Љубен Лапе“ за студент по историја дипломиран со највисок просек за соодветната година. Меѓу 1996 – 2000 г. соработував и објавував во списанието на Пиринската емиграција во Македонија „Пирински глас“. Од 1997 до 2002 г. работев како хонорарен преведувач од бугарски на македонски јазик и од македонски на бугарски јазик на историски документи по различни проекти за Државниот архив на Македонија. Меѓу 1999 – 2002 г. пишував за списание „Македонско сонце“. Во 2003 г. магистрирав на Филозофски факултет на тема „Македонија меѓу Византија и Бугарија (од крајот на 7 до почетокот 10 в.)“. Од 2004 до 2022 г. бев заменик на главниот уредник, новинар и технички уредник на весникот на Македонците во Бугарија „Народна волја“. Од 2005 до 2015 г. бев главен уредник на билтенот „Македонски глас“. Во 2013 г. докторирав на тема „Поимите Словени и Бугари во Македонија и Бугарија (7 – 13 в.)“. Од 2014 до 2018 бев универзитетски доцент на Факултет за образовни науки при УГД – Штип, а од 2018 до 2023 г. сум вонреден професор на истиот факултет, каде што ги предавам предметите од областа на средниот век: Македонија, Византија, Европа и Медитеранот, како и предмети на втор циклус студии. Член сум на претседателството на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија од 2015 г.

Во три збора би се опишал/а себеси како:
Човек што ја сака вистината.

На УГД се вработив (кога и како):
Во 2014 г. станав доцент на Факултетот за образовни науки.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:
Можностите послободно да се концентрирам врз научните истражувања, како и да предавам и општам со младите генерации.

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
Флексибилноста, модерниот приод кон предавањата.

Омилен дел од мојата работа:
Научно истражување и пишување, предавања – разговор со студенти.

Од професионални достигнувања издвојувам:
Освен работата, напредокот и предавањата на Факултетот за образовни науки би ги издвоил уште: Монографиите: Табу време на страв и страдање – прогонувањето на Македонците во Бугарија за време на комунизмот (1944 – 1989); Осудена надеж: македонското движење во Бугарија (1990 – 1993); „Ние сме Македонци и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“ – Никола Вапцаров, зборник творби, спомени и документи; „Многуимените други: Македонија како пресечна точка на другоста на средновековниот Балкан (идентитетски студии)“, 2023. Публикациите во престижни меѓународни списанија и зборници, како: Persecution of “Non-Existent”: Repression of Macedonians in Bulgaria during the Communist Period (1944 – 1989). In: Macedonia & its Questions. Studies on Language and Culture in Central and Eastern Europe (34). Peter Lang, Berlin (2020), pp. 205-255; From ‘Nations’ to ‘Archontias’ (I) ‘Sclavinia’ and ‘Sclavoarchontia’: Terms and Chronology . Slověne, International journal of Slavic studies, 2020, 9 (1), 8 – 28; From ‘Nations’ to ‘Archontias’ (II) Terms ‘Sclavinia’ and ‘Sclavoarchontia’ and Incorporation of Balkan Slavs in Byzantium. Slověne, International journal of Slavic studies, 2020, 9 (2) и др.
Учебникот: „Империјата на Новиот Рим (1025 – 1453)“.

Методологија која ја користам во работата со студентите:
Комбинирање на монолог со дијалог, читање и анализирање на историски извори, користење слики и мапи.

Најважно во работата со студентите е:
Општењето, заедничкото расудување и дискусија, учењето преку животни примери, поврзувањето на науката и теоријата со животот, меѓусебното почитување, охрабрување на љубовта кон знаењето.

Животна мудрост која ја споделувам:
Барајте ја вистината и вистината ќе ве ослободи.

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:
Ако треба да е една книга –  „Библија“. Понатаму има безброј убави работи кои би можеле да се препорачаат, но не можам да издвојам само по една од секој вид.

Совет за младите како идни студенти:
Да се трудат да размислуваат логички, чесно, објективно и критички, стремејќи се кон вистината, но никогаш да не паѓаат во заблудата дека знаат веќе сѐ и дека сѐ им е јасно.

За повеќе информации за можностите што ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk

Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниов линк: https://fon.ugd.edu.mk/documents/studiski/1-ciklus/2021-2022/istorija-studiska.pdf

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka