Име и презиме: Тамара Јованов-Апасиева
Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација: Економски факултет при УГД, вонреден професор, област – маркетинг.
Образование:
Формално – Магистратура и докторат во областа, Економски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Неформално – бројни обуки, работилници, конференции, форуми и сл. организирани од образовни, јавни и приватни организации, дома и ширум светот. Пример:
- TCP Forum – Digital and social innovation for social inclusion, Youth at Work, Council of Europe, Greece;
- Balkan Women Coalition Vol. II – Social Enterprises Development, Erasmus +, Association of Business Women – Macedonia, SEGE – Greece, BWA – Monte Negro, KAGIDER – Turkey, ABW BiH, VSELENA – Bulgaria, AAIE – Albania;
- Creation of Regional Entrepreneurial Centers in East of N. Macedonia, CEFE Macedonia;
- Researching Entrepreneurship and Economic Development, University of Belgrade, Faculty of Economics, Belgrade, Serbia;
- Eurasian Business and Economics Society Conferences – Istanbul, Rome, Barcelona, Belgradе…
Краток професионален профил:
Првиот професионален ангажман ми беше како демонстратор по статистика за време на студиите на Економски факултет во Скопје. Веднаш по дипломирањето, почнав да работам како агент за продажба во приватниот сектор.
Денес, како и во последните 15 години, ја градам кариерата и животот во високото образование, со постапно надградување преку асистент, доцент и сега веќе вонреден професор. Воедно, како визитинг професор предавав и на Економски факултет при Универзитетот во Бања Лука, како и на Економски факултет при Универзитетот Jaume I во Шпанија.
Паралелно со работата во високото образование, од почетокот до денес, продолжив да соработувам и со приватниот сектор, како консултант и обучувач. Воедно, повремено се впуштам и во улога на претприемач како коосновач на компании, од кои дел успешно се пласираа и на меѓународен пазар. Сметам дека професорите се должни да знаат што се случува во реалниот сектор и да бидат дел од имплементацијата на научните принципи во пракса. Секако, не сум имуна ниту на адреналинот кој со себе го носи работата во приватниот сектор.
Во три збора би се опишал/а себеси како:
Истражувач, ученик, дисруптор (disruptor).
На УГД се вработив (кога и како):
За време на магистерските студии, во 2007 година, почнав да волонтирам на Економскиот факултет во Штип, за по три години да се вработам како помлад асистент.
УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:
Вложување во мене како кадар преку можности за доусовршување во земјава и во странство; поддржување на мои научноистражувачки проекти; овозможување доволно академска слобода да работам и творам интердисциплинарно; наградување на постигнати успеси; флексибилно работно време кое ми овозможува да работам со елан и да дадам максимум во работата; воведување нова технологија во работата којашто ги олеснува процесите и секојдневното функционирање; човечки третман кон мене како вработена, со разбирање и поддршка за разни можни ситуации; давање простор за нови идеи, промени и различни размислувања…
УГД е една од ретките институции во државата за која можам да кажам дека има значително разбирање за вработените и континуирано бара начини да ги унапреди условите за работа.
Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
- Следење на принципот „студентите во фокусот на вниманието“;
- Ориентираноста кон воведување и иницирање промени за подобрување на процесите;
- Брзо прифаќање на нова технологија во работењето;
- Отвореност за соработка со сите засегнати страни во општеството;
- Почитување на академската слобода;
- Достапност на раководството.
Омилен дел од мојата работа:
Во размена на вредност со студентите – кога ќе воочам дека преносот на знаење директно го менува светогледот кај младите луѓе (понекогаш и кај мене) и им помага да отидат чекор понапред во реализирање на својата улога на академски граѓани, подготвени да создаваат не само за себеси, туку и за општеството.
Во истражувањето – кога ќе дојдам до резултат за кој знам дека доколку се применува во рамки на национални политики или деловни стратегии може да ги унапреди тековните состојби на подобро.
Во соработката со приватниот сектор и здруженија – кога моите совети ќе им помогнат во решавање постојни проблеми и ќе го унапредат нивното работење кон зголемена вредност за корисниците.
Од професионални достигнувања издвојувам:
- Работење на работа што ја сакам;
- Задоволни студенти, кои брзо се интегрираат на пазарот на труд, а за совет и соработка се враќаат и по вработување;
- Објавени трудови во реномирани списанија и научни бази;
- Успех во развој на стартапи;
- Континуирана и долгорочна соработка со сите соработници досега.
Методологија што ја користам во работата со студентите:
Работата со студентите ја базирам на мојата животна филозофија – еклектизам – пренос на знаење базирано на збир на идеи, ставови, начела, методи и примери, собрани од разни учења во областа и пошироко.
Тоа значи дека покрај дискусии и размена на мислења за теоретскиот дел од материјата, со студентите применуваме и:
- работа на практични примери;
- решавање реални проблеми во соработка со приватниот сектор;
- критичко мислење, поставување прашања, истражување;
- симулации и играње улоги;
- користење на нова технологија во практичната работа;
- работа во тимови;
- учество во разни воннаставни активности (обуки, пракса, организација на настани, проекти);
- клиничка настава (предавања од експерти од пракса).
Само со примена на повеќе различни методи и изложување на младите на повеќе искуства можеме да го извлечеме максимумот од нивниот природен потенцијал.
Најважно во работата со студентите е:
- Да ги почитуваме и вреднуваме како идни градители на општеството;
- Да ги вклучиме активно во процесот на работа за да можат да го обликуваат, наместо да бидат пасивни слушатели;
- Да имаме јасно поставени принципи на работа и еднаков однос со сите;
- Да се држиме до критериум кој ќе им гарантира знаење и искуство, за нивно успешно интегрирање во општествените текови во иднина;
- Да учиме континуирано за да можеме да им бидеме силни сојузници во стекнување знаење;
- Прво да бидеме луѓе, а потоа нивни професори.
Животна мудрост што ја споделувам:
„Сега знам, дека ништо не знам“ или нашата „Човекот учи додека е жив“.
Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:
- Книга од областа – „Водич на HBR за убедливи презентации“ од Nancy Duarte;
- Книга за секого – „Бегство од слободата“ од Ерих Фром;
- Филм (за употребата на социјални медиуми) – The Social Dilemma;
- Видео (документарец) – The Century of the Self (сите четири дела);
- Настани – обуки, вебинари и работилници од разни области, организирани од УГД, кои се бесплатни и достапни за секого. Информации за нив може да се добијат на социјалните медиуми на УГД (ФБ) https://www.facebook.com/ugdstip/?locale=mk_MK и на веб-страницата УГД Лајф https://life.ugd.edu.mk/
Совет за младите како идни студенти:
- Читајте повеќе книги од разни области – умот го обликуваат многу повеќе и подолготрајно, отколку скролање на социјалните мрежи или кратки видеа;
- Посетувајте обуки секогаш кога имате можност за тоа – ако научите барем едно нешто ново (како треба или како не треба), ќе имате подобрена перцепција од претходно;
- Инсистирајте на активно учество во вашето образование и живот – бидете креатори, наместо следбеници;
- Имајте на ум дека она што вреди во животот скоро никогаш не доаѓа брзо и лесно, но сетете се дека токму затоа и вреди;
- Секој еден од вас е важен и има потенцијал да го менува светот – затоа неуморно настојувајте да го сторите токму тоа, за да живеете во свет што ќе го сакате.
Фотографии од работа со студентите:
За повеќе информации за можностите што ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk
Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниов линк: https://ef.ugd.edu.mk/index.php/mk/ и https://ef.ugd.edu.mk/index.php/mk/studiski-programi
Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka