Search
|     contact@ugd.edu.mk

Започнаа „Денови на млади истражувачи“ на Земјоделскиот факултет

Споделете

Земјоделскиот факултет по вторпат организира „Денови на млади истражувачи“. Од 12 до 14 ноември, практично во чест на Светскиот ден на науката, има повеќе активности во кои главниот фокус е ставен на студентите, на младите истражувачи.

– Првиот ден започнуваме со многу интересна и атрактивна тема, нешто што е тема на денешницата, а тоа се климатските промени, за што студентите ќе дебатираат. Темата на дебатата е „Климатските промени – реалност или мит“. Подготовката и истражувањето за оваа тема беше спроведено под менторство на професор од Земјоделскиот факултет.

Фокусот секогаш е ставен на нашите студенти, така што уште еднаш докажуваме дека како факултет, интензивно работиме на тоа да студентите не само што ќе се стекнат со теоретско и практично знаење, туку работиме и на нивната комуникација, слободен тек на нивната мисла, за да можат подобро да се изразуваат. Кога ќе завршат, кога ќе бидат дипломирани студенти, инженери и агрономи, да бидат комплетна личност која ќе си го најде местото на пазарот на труд.

За утре (среда, 13 ноември), е планирана Петтата студентска конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“. Можеме со особено задоволство да кажеме дека оваа година ни е со максимално исполнет број на трудови. Имаме 29 усни презентации од страна на студентите. Темата на третиот ден на „Деновите на млади истражувачи“ е „Младите во земјоделското производство“ – најави деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов.

На дебатата „Климатските промени – реалност или мит“ се вклучени студенти од втора година. Тие ќе дебатираат во два тима – едниот ќе ја брани тезата дека климатските промени се реалност и дека постојат, а другиот, дека се мит.

– Ова е една вежба за студентите, за да видиме што сѐ е достапно на интернет, што е достапно како научни публикации, што како научно популарни текстови, како и студентите да научат да разликуваат релевантни од нерелевантни извори на информации. Целта е студентите, кога ќе излезат во реалниот свет, на пазарот на трудот и кога ќе се занимаваат со соодветните професии, да знаат да ги определат работите на соодветни и несоодвенти. Не сме тука, денес, само да дебатираме дали е тоа навистина мит или реалност, иако еве, сите научни истражувања покажуваат дека климатските промени реално се случуваат, и можеби, ако во минатото беа дефинирани како: екстремно затоплување, екстремно заладување, сега веќе дефиницијата оди во правец дека тоа се екстремни климатски случувања. Како урагани, бури, невремиња, екстремни долги периоди на суши како што ни се случи оваа година – изјави проф. д-р Фиданка Трајкова.

„Денови на млади истражувачи“ на Земјоделскиот факултет продолжуваат и во среда и во четврток, 13 и 14 ноември 2024 година.