Search
|     contact@ugd.edu.mk

Дигитализација

Лидер во процесот на дигитализација во високото образование

Универзитетот „Гоце Делчев“ е лидер во процесот на дигитализацијата во високото образование во Република Северна Македонија. Со воведување нови технологии и низа електронски содржини и платформи, Универзитетот има збогатено и унапредено голем број  операции и услуги, кои значително им го олеснуваат секојдневното функционирање и работење како на студентите, така и на вработените.

Целта на воведените електронски платформи за учење е студентите да преземат активна улога во процесот на своето образование и да почнат самите да го менаџираат сопствениот начин, време и место на учење. Понудената содржина, која е корисна, интересна за обработка и многу често интерактивна, ги поттикнува студентите на самостојно учење, организирано околу нивните потреби и можности.

Центар за е-учење

Центарот за е-учење е еден од првите центри основан уште при самите почетоци на Универзитетот. Основната цел на неговото е на студентите и научно-наставниот кадар да им се стави на располагање технологијата, во насока на подобрување на едукацијата и поттикнување на самостојното учење.

Ова е постигнато преку овозможено користење на разни современи онлајн алатки и голем број корисни и едукативни содржини, до кои студентите можат да пристапат онлајн и со што имаат можност да учат во секое време и од секое место.

Тука се вклучени онлајн курсеви, електронски материјали за учење, виртуелни училници и интерактивни средства за учење.

Повеќе информации се достапни на ceu.ugd.edu.mk

Е-библиотека

Се однесува на база на податоци составена од е-книги, рецензии на книги, списанија, весници, зборници од конференции и слични публикации, преку која се обезбедуваат онлајн ресурси за потребите на учењето и наставниот процес.

Содржините во е-библиотеката им се достапни на студентите и наставниот кадар за бесплатно прегледување и преземање.

Повеќе информации се достапни на e-lib.ugd.edu.mk/

Е-индекс

Со имплементирањето на е-индекс како дигитално решение, УГД значително го подобри и го забрза административното работење на своите единици.

Со ова решение се дава можност да се автоматизира текот на административните процедури и сите административни работи студентите да ги извршуваат самостојно и онлајн, без да се ангажираат дополнитлни ресурси и да се троши време на дополнителна подготовка на документи и административни чекори.

Платформата овозможува студентите електронски да пријавуваат и заверуваат семестар, електронски да пријавуваат испити и проектни задачи, електронски да добиваат резултати и потребни информации преку електронска огласна табла, како и да се вршат електронски плаќања.

Една од поголемите предности на е-индекс е тоа што овозможува брза и лесна директна комуникација и консултација меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар на Универзитетот.

Повеќе информации се достапни на students.ugd.edu.mk

УГД Академски репозиториум

Базата на податоци на Универзитетот обезбедува детали и целосен увид во резултатите од универзитетските истражувања и електронските тези.

Повеќето научни трудови на професорите на УГД се објавени во меѓународни списанија во релевантни бази на рецензирана истражувачка литература, какви што се EBSCO, Scopus, WoS и други.

Повеќе информации се достапни на eprints.ugd.edu.mk

Microsoft платформа

Оваа платформа се користи за предавање и учење на далечина, а почна да се применува на Универзитетот „Гоце Делчев“ во декември 2019 година.

Заклучно со март 2020 година, повеќе од 4.400 студенти и 360 предавачи веќе секојдневно ги користеа алатките на Microsoft 365 за пристап, учење и споделување содржини, а голем дел од факултетите и денес успешно спроведуваат предавања, испити и колоквиуми преку услугата Microsoft Teams.

На овој начин УГД стана првиот универзитет во РС Македонија со висока употреба на дигитални алатки и технологии што се користат активно во наставата и образовниот процес и пример за успешна соработка со Microsoft во оваа област.

Овозможени се и бесплатни курсеви за студенти и вработени

Повеќе информации се достапни на life.ugd.edu.mk