Search
|     contact@ugd.edu.mk

Четврта меѓународна конференција за бизнис, економија и финансии (ICBEF) во Штип: Фокус на иновации и економски трендови

Споделете

Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ja одржа Четвртата меѓународна конференција за бизнис, економија и финансии (ICBEF), посветена на најновите глобални економски трендови и иновации.

Конференцијата, која се одвиваше онлајн, собра над 20 учесници од различни земји, вклучувајќи експерти, академици и професионалци од областа на економијата.

На настанот беше презентиран и проектот Newaves, дел од работниот пакет 3, претставен од експертите вклучени во иницијативата. Овој меѓународен проект, во кој е вклучен и Универзитетот „Гоце Делчев“, има за цел да ги поддржи локалните и регионалните радиостаници во зголемувањето на нивната програмска привлечност преку примена на иновативни алатки и вештачка интелигенција.

Една од темите на конференцијата беше „Управување со стратешки настани и промоција што го подобрува ангажманот на публиката за радиостаниците“, за која дискутираа асистент д-р Моника Арсова, проф. д-р Љупчо Давчев и вонреден проф. д-р Влатко Пачешкоски. Тие ги разгледаа новите економски ситуации и можностите за имплементација на иновативни пристапи во општеството, со посебен акцент на тоа како технологијата може да го трансформира медиумскиот пејзаж.

„Оваа конференција е можност да се осврнеме на глобалните трендови и да размислиме како тие можат да се адаптираат локално. Преку Newaves сакаме да покажеме дека иновациите, како вештачката интелигенција, можат да бидат клуч за успехот на радиостаниците“, истакнаа говорниците.

Настанот не само што ја нагласи важноста на технолошкиот напредок во економијата, туку и го потврди лидерството на Универзитетот „Гоце Делчев“ во истражувањето и примената на современи решенија за регионални предизвици. Конференцијата заврши со плодна дискусија, отворајќи пат за идна соработка меѓу учесниците во насока на унапредување на економските и медиумските практики.