Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес го одбележа Денот на монетарното осамостојување и прогласување на денарот како национална македонска валута.
Во рамките на одбележувањето се одржа и серија на предавања и презентации од проф. д-р Стеван Габер, раководител на Катедрата за финансии и директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова.„Четврта година по ред го одбележуваме овој ден преку покани на гости од приватниот и од јавниот сектор. На овој настан гостувале гувернери, бизнисмени, директори на банки, а оваа година ја поканивме директорката на Управата за јавни приходи. Целта е студентите поблиску да се запознаат со нејзината работа и одблизу да се запознаат со сите нејзини функции и задачи“, изјави проф. д-р Стеван Габер.
Директорката на УЈП, Петрова, истакна дека ова е можност младите да се запознаат со работата на Управата, а воедно и значи многу за отвореноста и транспарентноста на институцијата.
„Како УЈП сме силно посветени и фокусирани на градење на нова, модерна дигитализирана европска УЈП, со што нашата цел е да го промениме амбиентот во којшто сега работат македонски даночни обврзници. Особено целта е да го зголемиме процесот на дигитализација и потреба на нови технологии“, изјави Петрова.
На настанот учествуваа и веќе дипломирани студенти од Економскиот факултет при УГД.