Од 23 до 27 април на Музичката академија во Љубљана се одржа 3. Меѓународен фестивал за флејта „Flauta & Me“, каде што активно учествуваа сите музички академии од регионот (Словенија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија).
Студентите од класата на проф. м-р Златка Митева од Музичка академија на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Кирил Тасев, Ина Иванова, Соња Ралева и Биљана Биљарска, како претставници на Македонија, одлично се претставија на овој значаен настан настапувајќи на концертот на Македонија со пијано придружба на проф. м-р Наташа Трбојевиќ, каде што присуствуваше и амбасадорот на РС Македонија во Словенија, Н.Е. Горан Милевски. Студентите имаа можност да бидат активни учесници на сите работилници, предавања и семинари.
Учествуваа и проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска преку Еразмус програмата.
Во склоп на фестивалот се одржа и панел-дискусија на тема „FLUTE Today and Tomorrow: Challenges in Sustaining interest in Music in the Region“, каде што проф. м-р Златка Митева учествуваше како панел учесник во дискусијата.