Search
|     contact@ugd.edu.mk

Одржана Работилница за одржлив раст и транзиција кон зелена енергија

Споделете

Фондацијата АКУО, во соработка со УГД и Општина Штип, организираше Работилница на тема „Развој на Штип преку поттикнување одржлив раст, земјоделство и транзиција кон зелена енергија“.

Оваа Работилница има за цел да обедини претставници на Владата, бизнис лидери, еколошки експерти и членови на заедницата кои ќе дискутираат и промовираат стратегии за одржлив развој во Штип.

– УГД ги следи овие активности, и на компанијата „АКУО“ и на Општина Штип, и се обидуваме да воспоставиме контакт со компанијата и со другите инвеститори за да развиеме некои заеднички активности. Конкретно, со компанијата „Акуо“ имавме многу состаноци досега, вклучени се неколку факултети кои понудија свои конкретни активности и тие активности ќе почнат со нивна конкретна реализација со започнувањето на овој проект. Активностите ќе поврзат и научноистражувачки чекори, но и активности поврзани со нашите студенти за да можат да бидат вклучени во овој голем проект. Конкретно има активности со Земјоделскиот факултет, Електротехничкиот факултет и Факултетот за образовни науки, така што ќе опфатиме повеќе факултети и, секако, ако имаме идеи и од други студенти, од други факултети, ќе бидат вклучени – изјави проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава на УГД.

Инаку, на Работилницата како панелисти учествуваа повеќе професори од Електротехничкиот факултет и  Земјоделскиот факултет.

Како претставник на компанијата „АКУО“, која ќе го гради и најавениот ветерен парк, на Работилницата учествуваше Катинка Рамберт, директор на ООП на Фондацијата „АКУО“.

– Ние работиме, пред сѐ, на обновливи извори на енергија, соларна енергија и енергијата на ветерот, како и на складирање на енергијата. Заедно со градот Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе работиме на заеднички проект, кој ќе резултира со 400 мегават часови енергија, со што Штип ќе стане град кој ќе биде вклучен на енергетската мапа во светот. Досега сѐ оди според планот, и ако остане така, со конкретна реализација на ветерниот парк ќе започнеме во 2027 година, а работите треба да траат две години – изјави Катинка Рамберт.

На Работилницата присуствуваше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој изрази задоволство што може да се зборува за придобивките од зелената трансформација.

– Добро е што во Штип може да се зборува за придобивките од зелената транзиција, обновливите извори на енергија, но и за развојот на земјоделието и можноста за локален економски развој на Општина Штип. Ние како град сме заинтересирани за сите инвестиции во насока на обновливи извори на енергија. Морам да истакнам дека Штип во последно време прераснува во енергетски центар, заради природниот потенцијал што го има. Веќе е извесно дека се најавени многу инвестиции во обновливи извори на енергија, но ме радува фактот што придобивките од овие инвестиции е добро да се споделат со јавноста, а благодарение на она што го имаме како град и Универзитетот „Гоце Делчев“, верувам дека преку ваквите панел-дискусии, презентации, граѓаните ќе бидат информирани за придобивките од реализација на ваков тип на проекти – изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.