Search
|     contact@ugd.edu.mk

Отворен и кариерен ден на УГД: Млади од цела Македонија во потрага по кариерни можности

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денес беше домаќин на Отворениот и кариерен ден, кој привлече голем број студенти и средношколци од цела Македонија.

Настанот, организиран во соработка со Стопанската комора на Македонија и Општина Штип, понуди можност за вмрежување, запознавање со студиските програми и директен контакт со компании од различни сектори.

„Денес ги комбинираме можностите за студентите да ги истражат своите кариерни патишта, додека нашите потенцијални студенти добиваат подетални информации за студиските програми. Имаме преку 40 компании од речиси сите сектори – од финансии и фармација до производство, а присутни се и ученици од цела Македонија. Универзитетот станува атрактивен не само за регионот, туку и за целата држава“, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски. Тој додаде дека многу од компаниите веднаш нудат стипендии и можности за вработување.

Настанот беше шанса за младите да се поврзат со бизнис-секторот и да ги согледаат перспективите за кариера во Македонија. Јелисавета Георгиева-Јовевска од Стопанската комора на Македонија истакна: „Сакаме да ги смениме бројките на одлив на млади луѓе и кадар во високоразвиените земји. Организирајќи вакви настани можеме да го задржиме најважниот фактор што создава дополнителна вредност – човечкиот капитал. Ова е одлична можност за вмрежување и создавање нови конекции. Стопанската комора со години е вклучена во образованието, а сега сакаме да делуваме и со локалната заедница, заедно со Општина Штип“.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ја нагласи улогата на УГД во локалната економија: „Морам да бидам искрен и да кажам дека УГД е иднината на младите, на бизнис-секторот и на Општина Штип. Задоволство ми е што преку овој ден младите и студентите можат заедно со претставниците на компаниите и на Универзитетот да ги согледаат своите можности. Мене ми е драго што Универзитетот и младите луѓе ја јакнат локалната економија во Штип“.

Студентите и средношколците што присуствуваа на настанот изразија воодушевување од понудените можности. Константин Хубрев, студент на Факултетот за медицински науки, рече: „Ова за мене значи една голема можност. Разговорот со компаниите и професорите е навистина од големо значење. Овие настани можат да нè мотивираат да останеме во Македонија, бидејќи е јасно дека Универзитетот прави многу за да ни отвори идни работни места“.

Средношколката Елена Ристова од училиштето „Саба“ додаде: „Овој настан го гледам како одлична шанса за сите средношколци што сакаат да го продолжат своето образование на УГД“.

Отворениот и кариерен ден на УГД уште еднаш потврди дека со заеднички напори на академската заедница, бизнис-секторот и локалната самоуправа, младите во Македонија можат да најдат можности за образование и кариера дома.