Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД учествуваше на 10. Ректорски форум во Подгорица: Ректорот Мираковски зборуваше за иднината на високото образование

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ изминатиот викенд беше дел од значаен регионален настан – 10. Ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, кој се одржа во Подгорица, Црна Гора. Форумот, организиран од Универзитетот во Црна Гора и Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, собра ректори, академски лидери и високи претставници од регионот и Европската Унија за да разговараат за клучните предизвици и иднината на високото образование.

Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, активно учествуваше во дискусиите, истакнувајќи ја улогата на универзитетите во обликувањето на иднината преку иновации, соработка и европски интеграции. Воедно ја презентираше и ACE2EU европската алијанса, на која УГД неодамна стана член. Во рамки на настанот тој беше дел од панелите каде што се разговараше за значењето на транснационалната соработка и развојот на европската димензија во образованието и науката, особено во контекст на иницијативата за Европските универзитетски алијанси.

Еден од централните моменти на форумот беше и меѓународната конференција „Ulysseus“, која се фокусираше на улогата на универзитетите во процесот на европските интеграции. Ректорот Мираковски ги презентираше заложбите на УГД за зајакнување на институционалните капацитети и промовирање на размена на студенти и вработени, истакнувајќи дека „иднината не се гради сама – универзитетите мора да го покажат правецот“. Оваа порака беше во согласност со главната тема на форумот, каде што се потенцираше потребата од заеднички проекти и размена на добри практики меѓу универзитетите во регионот.

Форумот, кој одбележа десет години од своето постоење, привлече над 34 универзитети од Словенија до Албанија и Грција, а домаќинот, ректорот на Универзитетот во Црна Гора, проф. д-р Владимир Божовиќ, нагласи дека предизвиците на денешницата бараат колективен одговор и заедничка академска визија. Претседателката на Ректорскиот форум, проф. д-р Снежана Пријиќ-Самарџија од Универзитетот во Риека, додаде дека ваквите собири се клучни за зајакнување на гласот на универзитетите од Југоисточна Европа на европската и глобалната сцена.

Учеството на УГД на овој форум ја потврдува посветеноста на Универзитетот кон регионалната и европската соработка, како и неговата амбиција да биде активен чинител во градењето на иднината на високото образование на ниво на Европа. Ректорот Мираковски изрази задоволство од можноста да се разменат искуства со колегите од регионот и да се постават темели за нови заеднички иницијативи кои ќе го унапредат академскиот развој и интеграцијата во европскиот образовен простор.

Во продолжение дел од дискусијата на ректорот Мираковски на овој значаен форум.