Со една минута молк започна денешното одбележување на 18-годишнината на Универзитетот „Гоце Делчев“. Присутните оддадоа почит за трагично загинатите 59 млади луѓе во несреќата во Кочани.
На денешниот настан скромно, но достоинствено, се одбележа 18-годишниот јубилеј на УГД. Националната трагедија го промени начинот на одбележување и годинава се одржа во свечената сала на Ректоратот на УГД.Денес сме овде заедно, на скромен, но достоинствен начин, да го одбележиме 18-годишниот јубилеј на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Иако ова требаше да биде една поголема прослава, неодамнешната голема национална трагедија длабоко го погоди нашиот народ и заедница и како знак на почит кон жртвите и нивните семејства избравме соодветно да го приспособиме денешниот настан – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Во рамките на одбележувањето се наградија најдобрите студенти во изминатата академска година и им се дадоа признанија и благодарници на соработниците и дел од вработените на УГД.
Најпрво, би сакал да упатам искрени честитки до нашите најдобри студенти од сите факултети и академии на Универзитетот, кои покажаа сериозна посветеност и се доказ дека вложувањето во знаење води кон извонредност. Вашата напорна работа, упорност и посветеност на вашите студии се вистинска инспирација за сите нас. Вие сте иднината не само на нашиот Универзитет, туку и на нацијата. Ние сме горди на секој од вас – потенцираше ректорот Мираковски.
Покрај ова, се доделија и дипломи на дипломираните доктори на науки на УГД и признанија на вработените кои се пензионирани од Универзитетот.