Универзитетот „Гоце Делчев“ и Организацијата на Црвен крст на ТРСМ со заедничка панел-дебата ја промовираа платформата за заедничка соработка, а во чест на 80-годишниот јубилеј на Црвен крст.На настанот на ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, му беше доделена Плакета за досегашната соработка.
– Денес промовираме една платформа за соработка помеѓу Црвениот крст и универзитетите и Црвениот крст како една од најважните хуманитарни организации која секогаш е подготвена да помогне, независно дали се работи за природни катастрофи, здравствени кризи и како организација со глобален досег соработката со нив навистина ни претставува многу важна алатка од градењето на млади личности кои ќе бидат свесни за проблемите, коишто преку соработката со вакви организации како Црвениот крст ќе можат да развијат емпатија и чувство на одговорност и на тимска работа и сигурен сум дека соработката на младите луѓе и Црвениот крст е патот по којшто треба заедно да работиме. Верувам дека допрва ќе ги интензивираме активностите на волонтерство со Црвениот крст, и за нас како Универзитет, а и за нашите студенти, биејќи ние имаме навистина сите струки и професии и може да се најде некаква форма на соработка со Црвениот крст. Верувам дека на младите ќе им значи ова и заедно ќе можеме да градиме подобар и побезбеден свет – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Д-р Саит Саити, претседател на Организацијата на Црвен крст на РСМ потенцираше дека платформата за соработка е многу значајна за подобро искористување на научните потенцијали за работењето на Црвен крст.
-Деновиве сте сведоци на низа активности кои ги преземаме по повод јубилејот, една од нив е токму посетата на државните универзитети. Идејата е да размениме дискусии и мислења, односно да се обидеме да најдеме нови форми за соработка. Досегашната соработка со штипскиот универзитет е добра, но секако има можности за подобрување на истата. Посетите што ги остваруваме се во функција на доделување на јубилејни плакети на универзитетите за досегашната соработка и помош, а секако и преку панел-дискусии кои Црвениот крст својата понуда за соработка ја авансира, односно ја унапредува со конкретни две содржини за соработка. Првата е платформа за волонтирање на универзитетите, која во наредниот период едноставно ќе ги отвори можностите за дополнителна работа и соработка, и втората е Академија на Црвениот крст, која ќе овозможи размена на практиките на Црвениот крст и научните достигнувања, со тоа што сето што е произведено како пракса во Црвениот крст науката да го истражи и да го унапреди во вид на научни заклучоци, да ги врати, а ние сето тоа да го искористиме во смисла на подобрување на нашата понуда кон граѓаните – рече претседателот на Црвен крст на РСМ, д-р Саит Саити.