Search
|     contact@ugd.edu.mk

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е основан во 2007 година врз основа на идеалите за инклузивност, различност и соработка. Уште од почетокот, целта на Универзитетот е да придонесе за развој на Југоисточниот регион и на државата воопшто, обезбедувајќи квалитетно образование и развој на интелектуалниот потенцијал.

Мисија и визија

Основната мисија на Универзитетот се наставата, истражувањето и јавниот сервис, со студентот во центарот на вниманието, секогаш стремејќи се кон примена на индивидуален пристап кон студентот. 

„Избери мудро, делувај храбро“ е нашето мото, во кое се инкорпорирани личниот избор и храброста да се зачекори кон позитивна промена, којашто ќе започне во секого од нас. Заедно со сите релевантни чинители продолжуваме да го градиме УГД, како место на компетентни и силно мотивирани студенти, исполнителни и вреднувани професори и вработени, но и да изградиме универзитет што ќе ги негува и надградува највисоките хумани вредности, кон кои се стреми цивилизираниот човек. 

Подобар, посилен и хуман УГД, тоа е нашата визија, во која силно веруваме и која тежнееме да ја оствариме.

Основање

При основањето Универзитетот започна да функционира со 7 факултети и една висока школа: Правен факултет, Економски факултет, Педагошки факултет, Факултет за рударство геологија и политехника, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Факултет за музичка уметност и Висока здравствена школа.

Почнувајќи од студиската 2008/09 година, во состав на Универзитетот се вклучени 6 нови факултети: Факултет за медицински науки, Филолошки факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошки факултет и Факултет за туризам и бизнис логистика.

Во првата студиска година на Универзитетот се запишаа 1300 студенти. Денес Универзитетот претставува растечка и динамична институција посветена на зголемување на пристапот до образование, иновации и обезбедување социјална благосостојба за сите. Сместен во источниот дел на РС Македонија, со своето регионално присуство е посветен на успехот на своите студенти и исполнување на научните предизвици на 21 век.

Дополнителни информации:

Историја на УГД

Со цел да се заживее југоисточниот регион на Република Северна Македонија и да се основа нова високообразовна институција, која ќе го покрива тој регион и ќе претставува нова додадена вресност и интегрален дел од македонското образование, на 27 март 2007 година основан е нов државен Универзитет, „Гоце Делчев“ со седиште во Штип.

Првата конститутивна седница на Универзитетскиот сенат е одржана на 28.06.2007, во амфитеатарот на Педагошкиот факултет и Факултетот за рударство, геологија и политехника. Во присуство на дел од членовите на матичната комисија на Универзитетот „Гоце Делчев“, претставници од студентите, професори и асистенти, како и граѓани на Штип, Универзитетскиот сенат за прв ректор на Универзитетот со едногласна одлука го избра проф. д-р Саша Митрев, редовен професор на Земјоделскиот факултет, додека проф. д-р Душан Тодоровски, вонреден професор на Педагошкиот факултет беше избран за прв претседател на Универзитетскиот сенат. Проф. д-р Митрев ја извршуваше функцијата Ректор во два мандати во период од 2007 до 2015 година.

Во 2015 година, како втор ректор на УГД, беше избран проф. д-р Блажо Боев од Факултетот за природно-технички науки кој исто така раководеше со Универзитетот во два мандати во период од 2015 до 2022 година. Повеќе детали за овој период може да се видат на линкот; Записи од едно време (2015-2022)

Почнувајќи од септември 2022 година, функцијата Ректор ја извршува проф. д-р Дејан Мираковски од Факултетот за природно-технички науки.

Раст и развој

Во текот на сите 17 години постоење, Универзитетот постојано растеше и се развиваше преку воведување на нови факултети и студиски програми на веќе постојните и преку постојано привлекување голем број студенти од Македонија, но и од странство. Целиот фокус низ годините е насочен кон зголемување и подобрување на квалитетот на образованието и научното истражување, воведување иновации, дигитализација и воспоставување соработка со локални и меѓународни институции, универзитети и бизнис заедницата.

Денес Универзитетот претставува реномирана институција во областа на високото образование, која обезбедува квалитетно образование и социјална благосостојба за сите.

Постигнатите успеси и следењето на светските трендови во високото образование и науката се потврдуваат и со независни светски рангирања преку кои Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го зазема високото второто место од 11 универзитети во Македонија, а секоја година континуирано напредува и во рангирањето на целосната листа од сите универзитети во светот.

Факултети и академии

Денес во рамките на Универзитетот функционираат 12 факултети и 3, академии кои се организирани во 4 кампуси и тоа: Факултет за медицински науки, Економски факултет, Машински факултет, Правен факултет, Електротехнички факултет, Технолошки факултет, Филолошки факултет, Факултет за образовни науки, Факултет за компјутерски науки, Факултет за туризам и бизнис логистика, Факултет за природни и технички науки, Земјоделски факултет, како и Ликовна, Музичка и Филмска академија.

Факултетите и академиите нудат разни додипломски, постдипломски и докторски студиски програми, кои им овозможуваат студентите да се образуваат и да се надградуваат во повеќе области. Но, покрај академското знаење, Универзитетот посветува значително внимание и ресурси и на практичната настава и стажирање, со што им помага на студентите да стекнат и практични вештини и дополнително искуство, кои ќе им бидат од голема корист при вработувањето и градењето кариера.

Истражувањето и развојот исто така се еден од главните столбови врз кои е изграден Универзитетот „Гоце Делчев“ и на кој и денес цврсто стои. Академскиот кадар постојано е вклучен во разни истражувачки и научни проекти и други форми на соработка со голема мрежа на локални и меѓународни партнери. Притоа, истражувачката активност претставува еден од клучните критериуми за промоција на наставниот кадар, а преку Универзитетскиот научен фонд на располагање им се ставаат мали грантови за поттикнување и помош на истражувачката и иновативна активност.

Симболи

Грб на универзитетот

Во тркалезна форма, а во средината се наоѓа училиштето во штипско Ново Село, каде што Гоце Делчев работел како учител. Со грбот, знамето и химната се претставуваат Универзитетот и единиците на Универзитетот. Грбот на Универзитетот се употребува на знамето, дипломите, плакетите, признанијата, меморандумите, изданијата на Универзитетот, како и на пригодни ковани пари, што се издаваат по повод јубилејни прослави на Универзитетот и друго.

Лого на Универзитетот

Во почетокот на 2023 година, вработените и студентите на УГД, како и средношколците од Источниот Регион, со гласање го избраа новото лого на Универзитетот. Логото со прави линии и во црвена боја претставува модерен и симплифициран симбол на училиштето на Гоце Делчев, денес зграда на Ректоратот на УГД. Изборот на модерно лого е во насока на ефективно обраќање до целните групи преку модерните медиуми, но и израз на визуелен континуитет со постоечките симболи на Универзитетот.

Начинот на употреба на логото на УГД е пропишан во Водичот за брендирање на УГД.

Знаме на универзитетот

Знамето на Универзитетот стои постојано истакнато на објектот на Ректоратот на Универзитетот. Исто така знамето се истакнува и пред објектите на единиците и пред објектите на придружните членки на Универзитетот, по повод патронатот на Универзитетот, прослави, свечености и други активности од значење за Универзитетот, а може да се истакне и при одржување меѓународни универзитетски средби, натпревари и други собири како и при спортски натпревари и други спортски активности на Универзитетот.

Знаме на универзитетот

Универзитетски инсигнии

Универзитетските инсигнии се состојат од меѓусебно поврзани гравури кои ја симболизираат културата на регионот во кој делува Универзитетот во Република Северна Македонија. Универзитетските инсигнии ги носат: ректорот и проректорите на Универзитетот, како и деканите, односно директорите на единиците на Универзитетот, на прослави, промоции и други свечености на Универзитетот и единиците на Универзитетот, или на други национални и меѓународни манифестации.

Универзитетски инсигнии

Одора

На Универзитетот се установува одора за: ректорот, проректорите и деканите, односно директорите на единиците. Одората се носи при промоции, прослави и други свечености на Универзитетот и на единиците на Универзитетот, или на национални и меѓународни манифестации.

Одора

Плакета

Се доделува на заслужни поединци, правни лица или институции, кои со својата работа придонесле за развојот и афирмацијата на Универзитетот, како и за развој на научната мисла, а на студентите за постигнатиот успех во студирањето.

Плакета

Химна на УГД

Химната на Универзитетот е свечена песна, посветена на улогата и значењето на Универзитетот и е изработена е од доц. д-р Илчо Јованов. Се изведува на прослави, промоции и други свечени и спортски манифестации кои се одржуваат во рамките на Универзитетот.

 

Гордо чекориме со тебе ние,

Гоце учителу наш.

Делото твое нас нѐ води

Кон светлината,

Делото твое нас нѐ води

Кон иднината.

Знаење, мудрост ни даваш

За светла иднина,

Вечно и гордо зрачи

Универзитету наш.

Твојата укост гордост е наша,

Го свети патот наш.

Мислата твоја сила е вечна

Темелот силен наш,

Мислата твоја нас нѐ води

Кон иднината.